Манчестер јунајтед и во новата сезона продолжува со очајните игри и резултати. Тимот веќе испадна од Лига купот на Англија откако беше елиминиран од четвртолигашот Гримзби, а во Премиер лигата има освоено само четири бода од четири меча и негативна гол-разлика од минус три.
И во една ваква ситуација, тренерот Рубен Аморим останува сигурен на клупата. Португалскиот стратег никако не може да го одведе тимот до подобри резултати, но некако неговата ситуација е стабилна.
Многумина се прашуваат зошто Аморим досега не доби отказ, а причината е од финансиски карактер.
Во сезона без европски клупски натпреварувања, во која клубот се бори финансиски да опстане, отпуштањето на португалскиот тренер би чинело многу пари.
Според таблоидот „Дејли меил“, Јунајтед би морало да му плати голема отштета од 12 милиони фунти, приближно 14,8 милиони евра. Ова е сума уште поголема од онаа што му ја платија на Спортинг во ноември 2024 година за да го привлечат: 10,6 милиони фунти (приближно 12,2 милиони евра).
Само ова лето, Манчестер јунајтед имаше загуба од 176,5 милиони евра на трансфер-пазарот! Затоа клубот е финансиски ограничен и не може да си дозволи уште едно големо трошење.