Фудбалерите на Манчестер сити со 3:1 го совладаа Лестер во последниот денешен натпревар од 31-то коло во Премиер лигата.
Со новата победа, Граѓаните дојдоа на само три бода од лидерот на табелата Арсенал, кој својот меч од ова коло, против Вест Хем ќе го игра утре. Топчиите имаат 73 бода, а Сити 70 пред нивниот меѓусебен дуел кој ќе се игра во следното коло на „Етихад“. Натпреварот е закажан за 26-ти април.
Граѓаните дилемите околу победникот ги решија уште во првото полувреме и тоа за само 25 минути. Резултатот го отвори Џон Стоунс во петтата минута, а потоа на сцена стапи Ерлинг Халанд кој постигна два гола.
Прво во 13-та минута од пенал зголеми на 2:0, а во 25-та минута постигна уште еден гол.
Со овие два гола, Халанд дојде до бројката од 32 постигнати голови сезонава и му фалат уште три за да ги надмине Енди Кол и Алан Ширер и да се запише во историјата на Премиер лигата како играч со највеќе постигнати голови во една сезона.
Во вториот дел, Граѓаните се опуштија и тоа го искористи Лестер да постигне почесен гол преку Ихеначо во 75-та минута.