Пред малку повеќе од една година, УЕФА донесе неизбежна одлука, а тоа беше да се одложи Европското првенство за една година, а поместувањето од 2020 за 2021 година најдобро го искористи Италија. Селекторот Роберто Манчини најдобро го познаваше својот тим и велеше дека одложувањето добро ќе им дојде бидејќи тимот во 2021 ќе биде позрел и поподготвен за напад на европскиот трон.
Манчини се покажа како пророк. Напредокот на Донарума, Кјеза, Барела, Локатели беше клучен фактор, заедно со искусниот стоперски тандем Кјелини-Бонучи.
„Ние сме еден од најмладите тимови и таа една година прави голема разлика. Во тој период ќе се подобриме во смисла на искуство, но и технички и тактички. Имаме екипа која ќе се бори за титула на ЕП. Би било величенствено ако успееме“, велеше Манчини пред 15-тина месеци.