Садио Мане несомнено е најголемата ѕвезда во селекцијата на Сенегал, токму на него најмногу се смета да биде лидер и да ја одведе својата репрезентација до врвот на претстојниот Африкански Куп на нации. Офанзивецот на Ливерпул има големи амбиции ова лето, откако со Црвените ја освои Лигата на шампионите, сега сака да го повтори успехот со Сенегал.
Колку всушност Мане е подготвен да жртвува сè само за да му помогне на својата селекција да дојде до првиот трофеј во историјата на ова натпреварување, покажува и следната негова изјава.
„Секако дека мојата цел, а и на цела наша репрезентација е трофејот во Купот на нации. Ништо нема да ме направи погорд од тоа, да помогнам на Сенегал да го освои првиот трофеј во својата историја. Ние сме едни од фаворитите, но тоа не е доволно, мора да дадеме сè од себе за да бидеме шампиони. Дури сум подготвен да се откажам од трофејот во ЛШ за африканската круна“, истакна Мане.
Сенегал засега е на добар пат да ја оствари целта. Во првото коло од групната фаза триумфираа над Танзанија со 2-0, а на 27 јуни ќе се соочат со Алжир, дуел во кој повторно се фаворити и со освоени нови три бода ќе бидат со една нога во нокаут фазата.