Мане е машина: 63 натпревари за 373 дена

Мохамед Салах заслужено ја има улогата на најголема ѕвезда во редовите на европскиот првак, но вториот најопасен фудбалер на Ливерпул треба да добие многу повеќе заслуги за тоа што го прави. Садио Мане во период од 373 дена одигра вкупно 63 натпревари за клуб и репрезентација, притоа за одмор си дозволи само три недели пауза од фудбалски активности.

Минатата сезона Мане запиша вкупно 50 настапи за Црвените, во кои постигна 26 погодоци и пет асистенции, од кои 22 гола се во Премиер лигата. Заедно со Салах и Обамејанг, Мане ја подели Златната копачка во англискиот шампионат, а по освојувањето на Лигата на шампионите, Сенегалецот замина на Афкон.

Со три гола, Мане ја предводеше својата земја до самото финале, каде што загуби од Алжир, а само три недели подоцна тој им се врати на клупските обврски. Мане си го скрати одморот со цел да присуствува од стартот на новата сезона, што се покажа како полн погодок за Црвените.

Крилниот офанзивец со два погодоци против Челзи придонесе за Ливерпул да го освои европскиот Суперкуп, а викендов стрелаше и против својот поранешен тим Саутхемптон во Премиер лигата, за нови три бода за тимот на Јирген Клоп.

Од јануари, па досега, ниту еден фудбалер нема дадено повеќе гола од Мане, Сенегалецот брои 20 погодоци во сите натпреварувања, пред Салах со 12, односно Фирмино со осум гола. Исто така е најдобар календарски стрелец во Премиер лигата со 15 гола, притоа без да даде гол од пенал, а има повеќе од Агуеро(14), Стерлинг и Варди (по 12).

Сè додека Мане е константен, Ливерпул не треба да се грижи кој ќе ги тресе мрежите на противниците. Ако не тој, опасноста секако доаѓа од Салах, но и од Фирмино.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести