Садио Мане, ѕвездата на Ливерпул, им се закани на бразилските колеги во тимот дека денес неговиот Сенегал ќе ги совлада Кариоките со 4-0. Бразил и Сенегал во 14 часот ќе се пресметаат во контролката која е закажана да се игра во Сингапур, а Мане е сигурен дека јужноамериканскиот првак може да биде убедливо надигран.
„Бразил е еден од најдобрите национални тимови во светот. Со нетрпение го чекав овој меч, често зборував со Фабињо и во шега му се заканив дека ќе загубат со 4-0. Јас играм за да победувам, а да се оствари добар резултат против Бразил, ќе биде од големо значење за мене, за репрезентацијата, но и за цел Сенегал“, истакна Мане.
Покрај Фабињо, на Мане противник ќе му биде и клупскиот колега Роберто Фирмино, додека Алисон нема да брани за Кариоките бидејќи уште се рехабилитира од повредата. Сенегалецот воедно ќе се сретне и со поранешниот соиграч Фелипе Кутињо.