Мане од лутина не се поздрави со Клоп, а Германецот вели дека сè е во ред (видео)

Ливерпул со триумфот од 4-2 на гостувањето кај Манчестер јунајтед си ги одржа во живот шансите за пласман во Лигата на шампионите. Црвените се вратија на петтото место на табелата со четири бода заостаток зад Челзи и меч помалку во финишот од сезоната, но среќата не беше подеднаква кај сите фудбалери на Ливерпул.

Садио Мане беше видно незадоволен што дебрито го почна како резерва на клупата, па ги одигра само последните петнаесетина минути. На крајот не сакаше да се поздрави со Клоп, одмавна со раката и покажа колку е лут што не беше стартер, а Јирген објасни дека нема никаков проблем со Сенегалецот.

„Момците се навикнати да добијат објаснување доколку ја промениме тактиката во последните подготовки пред секој меч. Овојпат немаше време за тоа, одлучив да му дадам предност на Жота, тоа е сè. Нема никаков проблем со Садио“, истакна Клоп.

Одлуката на Клоп се покажа како правична. Жота го постигна израмнувачкиот гол на „Олд Трафорд“ за 1-1 и им го отвори патот на Црвените кон важниот триумф.

Што се однесува до Мане, неговата реакција може да покрене шпекулации околу неговата иднина на „Енфилд“, особено што неодамна призна дека оваа сезона за него лично е катастрофална.

- Оглас -

Најнови вести