Специјално од Сиде, Турција,
Трајан Маневски
Поројниот дожд веќе три дена не престанува да врне во Сиде, местото во Турција кое е базата за зимските подготовки на експедицијата на Вардар во изминативе десетина дена. Временските услови се неповолни, но вардарци продолжуваат со интензивни тренинзи.
Еден од најистакнатите во есенскиот дел од сезоната беше Михаил Маневски. Левиот бек кој е алфа и омега по страничната линија, вели дека најважно е сите фудбалери да бидат подготвени за почетокот на пролетниот дел од сезоната и Куп натпреварите.
„Тренираме напорно секој ден. Најважно е да бидеме добро подготвени за почетокот на пролетниот дел од сезоната. Знаеме дека ќе нѐ очекуваат големи предизвици и тешки натпревари. Се знае дека нашата цел е Вардар да остане на местото на кое се наоѓа во моментов во првенството, а тоа е лидерската позиција“, вели Маневски.
Поради лошите временски услови, Вардар вчера не го одигра планираниот контролен меч против Мотор од Лублин од Полска, а до крајот на подготовките треба да одигра подготвителни дуели против екипите на Динамо Махачкала на 26 јануари, Ахмад од Русија на 29 јануари и против Алашкерт од Ерменија на 2 февруари.
„Во последните три дена времето не ни е наклонето, но продолжуваме со тренинзите и да ги извршуваме сите зададени задачи од стручниот штаб“, заврши Маневски со рапортот од подготовките во Турција.

