Додека голем дел од тренерите се жалат дека немаат доволен број фудбалери, во Челзи проблемот е друг. Новиот тренер Енцо Мареска, кој го наследи Маурисио Покетино, одлучи да направи голем рез околу играчкиот кадар, па сурово најави дека ако во клубот има над 40-мина играчи, тој работи само со одреден дел од нив.
„Не работам со 42-ца играчи. Можам да работам со 21 фудбалер и тоа треба да им биде јасно на сите. Останатите 15-20 фудбалери тренираат одвоено. Не ги гледам. Сигурно не е како што вие мислите“, вели Мареска.
Италијанскиот стратег најпрво го отпиша Рахим Стерлинг од тимот, а сега истата судбина го снајде и Алекс Дисаси, кој минатото лето дојде на „Стемфорд бриџ“ за трансфер вреден 45 милиони евра, а потпиша шестгодишен договор. Минатата сезона одигра 44 меча за Челзи, но сега едноставно не е во плановите на новиот тренер.