Челзи е најновиот клуб кој покажува интерес за напаѓачот на Ипсвич, Лијам Делап. Дваесет и едногодишниот напаѓач го привлекува вниманието со своите одлични настапи за Трактористите од почетокот на сезоната, а тоа го заинтригира и лондонскиот клуб, пишуваат медиумите на Островот.
Менаџерот на Челзи, Енцо Мареска, ги познава неговите квалитети од времето кога работеа заедно во младинскиот тим на Манчестер сити, па со задоволство би соработувал повторно со него.
„Лиам е фантастичен играч, особено за неговата возраст. Работевме заедно една година и мислам дека тогаш постигна 22 или 24 гола. Тоа е одлично за еден напаѓач. Како што сум кажал многупати, Англија е среќна што има толку многу добри фудбалери и напаѓачи. Тој вложува голем труд и без топка, ја разбира играта и знае да постигнува голови. Со оглед на неговата возраст, мислам дека тој ќе биде важен играч за Англија во иднина“, изјави Мареска за Делап.
Лиам Делап досега има постигнато шест гола на 16 натпревари за Ипсвич оваа сезона. Сепак, Челзи не е единствениот заинтересиран клуб за неговиот потпис.
Интерес за младиот напаѓач покажуваат и Јувентус, Манчестер јунајтед и Тотенхем, клубови кои внимателно ја следат неговата ситуација.