Челзи покажа дека може да му биде рамноправен на Арсенал дури и во ситуација кога Сините беа со играч помалку на теренот. Лондонското дерби кое се играше вчера, заврши 1:1, а Челзи од 38-мата минута беше со фудбалер помалку по исклучувањето на Каиседо.
Тренерот на Челзи, Енцо Мареска, е задоволен од тоа како реагираа неговите фудбалери на дербито.
„Мислам дека покажавме дека одиме во вистинската насока. Секогаш го кажувам тоа. Нашата изведба беше фантастична. Бевме многу подобри од нив 11 против 11, но со 10-мина играчи е тешко. И покрај тоа, се снајдовме одлично. Се обидовме да го искористиме најдоброто решение и просторот. Знаевме дека има простор лево за Мало Густо и Естевао. Иако не победивме, можеме да бидеме среќни“, рече италијанскиот менаџер Мареска.
Челзи е трет на табелата со 24 бода од 13 меча, додека Арсенал останува лидер на табелата со 30 бода.

