Менаџерот на Челзи, Енцо Мареска, ја потврди лошата вест за тимот дека напаѓачот Николас Џексон ќе биде надвор од терените околу два месеци.
„Нико ќе биде отсутен до паузата за репрезентативните натпревари, веројатно ќе биде подготвен по неа. Знаевме дека има мускулен проблем, но не знаевме колку е сериозен. Неговата реакција беше добра, па мислевме дека повредата не е сериозна. За жал, по лекарските прегледи се покажа дека ќе отсуствува од шест до осум недели“, изјави Мареска.
Повредата на Џексон го доведува Челзи во тешка ситуација бидејќи и Марк Гиу е повреден, што значи дека Сините остануваат без класичен напаѓач. Мареска призна дека можеби ќе мора да го промени стилот на игра, а повеќе ќе се потпира на Кристофер Нкунку.
„Можеби ќе треба да смениме нешто бидејќи играчите имаат различни квалитети. Нкунку е едно од можните решенија, но не и единственото. Веќе реков многупати дека Кристо е многу важен играч. Проблемот е што играчите мислат дека се важни само ако играат. Кога тоа не се случува, не се чувствуваат важни. Ќе бараме и други решенија. Кога немаш класична ‘деветка’, мораш да го смениш начинот на кој играш“, додаде тој.
На прашањето за борбата за пласман во Лигата на шампионите, Мареска даде малку чуден одговор.
„Никогаш не сум рекол дека нашата цел е топ 4. Клубот не ми поставил таква цел. Кога потпишав, целта беше во рок од две години да играме во Лигата на шампионите, а не за една. Затоа реков многупати дека сме над очекувањата. Ќе видиме каде ќе завршиме на крајот од сезоната“, заврши менаџерот на Челзи.