Предводникот на Малта, Микеле Марколини, беше задоволен од тоа како одигра неговата репрезентација, иако на крајот загубија. Според селекторот на гостите, навивачите во Малта може да бидат среќни затоа што фудбалерите на теренот покажале дека играат со срце.
„На крајот, единствено од што не сум задоволен е конечниот резултат. Игравме против многу силен тим. Имаат играчи кои прават разлика на теренот, токму тие го добија мечот. Кога влезе Чурлинов, се смени текот на игра. Многу сум горд на моите играчи. Одиграа многу добар меч, во првото полувреме мислам дека ние ја имавме најдобрата шанса да дадеме гол. Според многумина, ние сме најлошиот состав во оваа група и мислат дека лесно ќе победат. Вечерва покажавме дека кога играме со срце и таков пристап, секогаш може да бидеме опасен ривал. Може да бидеме среќни затоа што луѓето кои ја сакаат Малта може да бидат горди бидејќи одигравме добар меч“, рече Марколини по поразот од Македонија.