Една од желбите на Кристијано Роналдо за засилувања на Јувентус многу веројатно дека ќе биде реализирана. Според најавите на италијанска „Ла Стампа“, италијанскиот првак го договорил доаѓањето на Марсело од Реал Мадрид. Левиот бек, кој 13 сезони помина на „Сантијаго Бернабеу“, на крајот од сезоната си оди од Мадрид и во следните четири сезони ќе го носи дресот на Јувентус.
Марсело сезонава веќе нема загарантирано место во стартниот тим, откако Солари повеќе го форсира младиот Серхио Регилон. Марсело не беше на теренот ниту на мечот против Ајакс, кој Реал го загуби со 4-1 и испадна од Лигата на шампионите. Од Реал, и тоа многу порано од Марсело, се очекува да си замине и тренерот Солари, а на негово место да биде вратен Жозе Мурињо.
Јувентус нема да жали пари за искусниот Марсело, па ќе му даде плата од 12 милиони евра по сезона. Додека беа заедно во Реал Мадрид, Марсело и Роналдо одлично соработуваа на теренот, а беа добри пријатели и надвор од фудбалските муабети. Бразилскиот дефанзивец дефинитивно е играч кој знае како да се освојува Лигата на шампионите бидејќи има четири трофеи во елитната лига на УЕФА.