Маслинко е оптимист: Македонија оди на две победи

Македонската кошаркарска репрезентација ги прави последните подготовки пред двата најважни мечеви од квалификациите за пласман на Европското првенство. Нашата репрезентација најпрво ќе гостува кај Естонија, а потоа дома ќе играме против Полска. Потребни се две победи за да имаме шанси да бидеме дел од завршницата на континенталниот собир.

Еден од оние од кој ќе се очекува многу сигурно е Андреј Маслинко. Кошаркарот на МЗТ Скопје Аеродром е во одлична форма, која ја потврди со одлични настапи на трите меча од завршницата во Купот на Македонија. Маслинко беше прогласен за МВП на завршницата од Купот, а сега е оптимист дека добрите игри и победите ќе ги продолжи и во репрезентативниот дрес.

„Одиме на две победи. Двете репрезентации ни се познати. Со Естонија и во претходниот циклус имавме две средби, така што мораме да победиме ако сакаме да играме на Европско првенство. Секако, напаѓачки сега сме доста подобри. Имаме двајца плејмејкери кои можат да играат со топката. Малку сме послаби на центарски позиции, меѓутоа ќе се обидеме да надополниме на тоа. Секогаш сум тука за Македонија“, истакна Маслинко.

- Оглас -

Најнови вести