Поранешниот славен германски фудбалер, легендата Лотар Матеус, пред дуелот на Арсенал и Баерн од Лигата на шампионите рече дека тоа се најдобрите два тима на Стариот континент во моментов.
Двата тима ги добија сите досегашни натпревари во ЛШ, а се убедливи лидери и во првенствата на своите земји.
„Очекувам Баерн да настапи во Лондон како во Париз против ПСЖ, каде што победи со 2-1, да доминира, преземајќи ја контролата врз играта од самиот почеток. Не се само навивачите во Англија и Германија кои се радуваат на натпреварот, ова се двата најдобри тима во Европа во моментов“, порача Матеус во колумна за „Скај спортс“.
Арсенал сè уште не прими гол во ЛШ, се надеваат да стигнат до финалето за прв пат по 2006 година. Баерн исто така има големи цели, а според Матеус, Баварците имаат само една слабост примање голови од прекини, дел во кој Арсенал е многу опасен.
„Очекувам многу конкурентен натпревар и предвидувам нерешен резултат 2-2“, додаде Матеус.

