Доскорешниот играч на Вардар Касим Роџерс Мато, во претходните неколку недели беше во фокусот на вниманието и тоа поради неговиот трансфер во шкотски Хартс. Минатата недела Хартс и официјално го престави Мато, a репрезентативецот на Уганда веќе го имаше и дебито во новиот клуб.
Мато ќе биде во Хартс како позајмен играч од Вардар до крајот на сезоната, а потоа ќе зпаочне неговиот тригодишен договор кој беше неодамна потпишан.
За тамошните медиуми Мато ја објасни целата ситуација која ескалираше кога по неговото учество на Африканскиот куп на нации, едноставно не се појави на подготовките со Вардар. Фудбалерот објасни дека тој не бил виновен за прекинот во комуникацијата.
„Знаев дека во мојата земја има избори и дека интернетот беше исклучен, па беше тешко да стапам во контакт со мојот агент, со тренерот тука, со клубот таму (Вардар). Мислам дека тоа беше проблемот.“, изјави Мато за Daily Record.
Офанзивецот објасни дека тој тежок период сега е зад него и верува дека одлуката да направи трансфер во Хартс е најисправна.
„Тоа беше тежок момент затоа што немав контакт со Хартс, со мојот менаџер, со агентот, но веќе знаев каде сакам да одам. Овој договор со Хартс постоеше веќе три месеци, уште пред да заминам на Африканскиот куп на нации“, открива Мато, додавајќи: „Тензии мора да постојат, секој има свое мислење. Понекогаш, кога правиш одредени работи, треба да молчиш. Ако влезеш во конфликт, тој ќе ескалира, но ако го задржиш тивко и на ниско ниво, ќе биде добро. Имаше тензии, но на крајот сме тука и подготвени за нови предизвици.“
Мато, беше најдобар фудбалер не само во Вардар туку во целото македонско првенство во есенскиот дел. Тој беше предводник на Црвено-црните кои се лидери на табелата во Прва лига.

