Реал Мадрид во последното коло од Лигата на шампионите загуби со 4:2 на гости кај Бенфика и на тој начин падна на деветтото место на табелата и не успеа да обезбеди директно место во осминафиналето.
Бенфика водеше со 3:2, но португалскиот тим мораше да постигне уште еден погодок за да обезбеди место во нокаут-фазата. Во 90+8 минута, Бенфика даде гол, а стрелец беше голманот Анатоли Трубин за победа од 4:2.
По мечот, главната ѕвезда на Реал, Килијан Мбапе, беше многу разочаран и беше критички настроен.
„Овојпат не беше прашање за тактика или квалитет, туку кој од двата тима повеќе се бореше. Ги гледав фудбалерите на Бенфика како се борат, како да им зависеше животот од тоа. Кај нас немаше ништо такво. Криво ми е што не завршивме во Топ 8, но веројатно сме на таа позиција на која заслуживме да бидеме“, рече Мбапе.
Францускиот репрезентативец потоа продолжи со критичкиот тон. „Не може еднаш да играме како да сме присутни, а потоа како да сме отсутни од теренот. Шампионите не работат така. Што ни фали? По малку од сѐ, по малку. Мора да се коригираме. Игравме ужасно, но посебно срамота е како го примивме последниот гол“, рече Мбапе.

