Тренерот на Наполи, Антонио Конте, го изрази своето разочарување по елиминацијата на неговиот тим од Лигата на шампионите уште во групната фаза. Екипата на Елиф Елмас загуби со 2-3 на домашен терен од англискиот премиерлигаш Челзи, иако водеше со 2-1 на полувремето.
Тој смета дека Наполи заслужувал многу повеќе од овој натпревар.
„Чувствуваме голема гордост и задоволство бидејќи и покрај тоа што ни недостасуваше повеќе од половина состав, игравме на исто ниво, па дури и подобро од Челзи и заслуживме многу повеќе. Им реков на момците дека жалиме за натпреварот во Копенхаген, каде што едноставно не смеевме да ја испуштиме победата. Тоа нè доведе во ваква ситуација против врвен клуб. Не заборавајте дека Челзи го освои Светското клупско првенство, тие имаат исклучителни играчи на теренот, на клупата, па дури и на трибините“, изјави Конте.
И покрај резултатот, тој изрази гордост за настапот на својот тим.
„Толку сум горд на нашите момци затоа што ги притискавме, создававме шанси, се боревме за секоја топка. Штета е, заслужувавме барем пласман во плејофот. Нивниот квалитет во завршницата беше пресуден. Проблемот е што Челзи и немаше толку многу гол-шанси, но кога дојдоа во тие позиции, нè казнија“, додаде италијанскиот стратег.
Конте беше дециден дека играта на неговиот тим го импресионирала, но нагласи дека има простор за напредок.
„Создадовме слични ситуации и некои центаршутеви можеа да бидат решавачки, но мора да се подобриме. Сепак тврдам дека ова беше импресивен настап, не се плашевме, ги напаѓавме, влегувавме во дуели, оставајќи простор зад нашата одбрана, и мислам дека игравме добар фудбал. Тоа е патот, фудбалот се развива, се менува и мораш да се адаптираш и да се подготвуваш. Штета што нема да продолжиме да се мериме со најдобрите екипи во овој турнир“, заклучи тренерот на Наполи.

