Големо изненадување уште на стартот на Вимблдон, поранешниот „број 1“ на светот и грен-слем шампион, Русинот Данил Медведев, е елиминиран во првото коло.
Медведев загуби од Французинот Бенжамен Бонзи со 3-1 во сетови (7-6, 3-6, 7-6, 6-2). Мечот траеше три часа и седум минути.
Цела година Медведев игра под своето ниво, а кулминацијата на слабите настапи се случи токму денес на најпрестижниот турнир во светот на тенисот.
Бонзи од самиот старт делуваше самоуверено и успешно го чуваше својот сервис во целиот прв сет, кој го доби преку тај-брејк.
Во вториот сет, сѐ до самиот финиш немаше брејкови, но тогаш Французинот попушти, што Медведев го искористи и израмни на 1-1.
Се чинеше дека Русинот ќе направи пресврт, но тоа не се случи. Третиот сет повторно заврши во тај-брејк, каде што Французинот беше поконцентриран и постабилен ментално.
Во четвртиот сет кај Медведев се појавија нервоза и несигурност, дозволи брејк уште во првиот гем, а потоа и уште еден кон крајот на сетот, што доведе до негова брза елиминација од турнирот.
Противникот на Бонзи во второто коло ќе биде победникот од дуелот меѓу Австралиецот Џордан Томпсон и Чехот Вит Коприва.
Белоруската тенисерка Аринa Сабаленкa се пласираше во второто коло на Вимблдон.
Најдобрата тенисерка во светот во првото коло ја совлада Канаѓанката Карсон Бренстејн со 2-0 во сетови (6-1, 7-5). Мечот траеше 1 час и 14 минути.
Иако Бренстејн е професионална манекенка, таа покажа дека знае добро да ракува со рекетот, особено откако се опушти. Во првиот сет, Сабаленка доминираше целосно, поведувајќи со 5-0, по што го доби сетот со 6-1 во гемови.
Во вториот сет, 194-тата тенисерка на ВТА-листата заигра далеку подобро и ѝ создаде проблеми на Белорусинката, која дури во единаесеттиот гем успеа да направи брејк и да го затвори мечот.
Во второто коло, противничка на Сабаленка ќе биде победничката од дуелот меѓу Новозеланѓанката Лулу Сан и чешката тенисерка Марија Бузкова.