Елиф Елмас утре ќе ги има вообичаените медицински прегледи во комплексот на Наполи, „Димаро“, и потоа ќе потпише 5-годишен договор, а според изјавата на менаџерот Галди, главниот збор го имал Карло Анчелоти.
Тренерот на Наполи инсистирал да се купи македонскиот репрезентативец, а сумата ќе биде околу 16 милиони евра.
„Преговорите беа долги и напорни, а имаше и други заинтересирани клубови, но Анчелоти пресуди. Тој беше упорен Елиф да стане член на Наполи“.
Елмас во 2017 година од Работнички за 180 илјади евра пристигна во редовите на Фенербахче, а само по две години успеа да направи рекорден трансфер од 16 милиони евра во Наполи.
Со него како нов член на вицешампионот на Италија, Македонија ќе има најмалку тројца фудбалери во Серија А, а тука засега се и Горан Пандев во Џенова и новиот член на Удинезе, Илија Несторовски.