Менез доби воспитна: Може да биде и Марадона и Меси, но нема да игра за Клуб Америка

„Ако не покаже максимална желба да се бори со срце за клубот, Менез нема да игра за Америка. Може да биде и Меси и Марадона и Пеле со квалитет, но без сериозен ангажман ќе биде надвор од тимот“, вели Мигел Ерера, тренерот на најголемиот мексикански клуб.

Менез e поранешен француски репрезентативец и пристигна во редовите на мексиканскиот гигант како големо засилување лани, но сега не игра.

Жереми има многу солидна кариера, а играше за големи клубови од калибарот на Пари Сен Жермен, Монако, Рома, Милан, а сега за првпат е на друг континент и игра за Америка.

Лани одигра 18 меча за најпознатата екипа во Мексико и постигна само пет гола, а сега му се случуваат непријатни моменти и е отстранет од тимот.

„Немам ништо против Жереми. Напротив, разговараме пријателски, му објаснив дека мора да се ангажира, но некако тешко ги прифаќа советите и нема напредок. Може да биде екстра квалитет, а го има, но нема да игра додека не се промени“, дополни Ерера, кој е поранешен селектор на Мексико.

- Оглас -

Најнови вести