Барселона ја загуби челната позиција во Ла Лига откако одигра без голови на гостувањето кај Севилја, додека Реал Мадрид победи со 2-1 кај Сосиедад. По 30 одиграни кола, Реал и Барселона имаат по 65 бодови, но Кралевите се во пол-позиција благодарение на подобриот биланс во меѓусебните дуели.
Светските медиуми денеска пренесуваат дека во таборот на Барселона атмосферата е тензична и тоа трае веќе неколку дена. Според шпанскиот „Диарио гол“, на еден од последните тренинзи пред мечот против Севилја, на тренинг се степале Лионел Меси и Антоан Гриезман.
Двете големи ѕвезди најпрво имале вербален конфликт, а потоа и физичка пресметка, по која морале да реагираат тренерот Кике Сетјен и останатите играчи. Гриезман ја игра првата сезона во дресот на Барселона, додека Меси е легенда на клубот и се очекува Аргентинецот во скоро време повторно да го продолжи договорот со гигантот од „Камп ноу“.
До крајот на првенството во Шпанија остануваат уште осум кола, но сега Барселона покрај тоа што ќе мора да победува, треба да се надева и на кикс на Реал Мадрид.
Барселона утре на свој терен го пречекува Атлетик Билбао, додека Реал еден ден подоцна е апсолутен фаворит на дуелот во Мадрид против Мајорка.