10.8 C
Skopje
четврток, 6 ноември 2025

Меси: Кога ја освоив светската титула со Аргентина, бев среќен како кога се родија моите деца

Лионел Меси присуствуваше на Американскиот бизнис-форум, кој ги обединува политичките лидери, бизнисмените и спортистите во Мајами. Напаѓачот на Интер Мајами доби златен клуч од градот на церемонијата на која зборуваа и Доналд Трамп и Џани Инфантино, претседатели на САД и на ФИФА.

Аргентинскиот репрезентативец зборуваше за перспективите на Светското првенство во 2026 година и се потсети на освојувањето на титулата во 2022 година во Катар.

„Тешко е да се објасни како се чувствувавме. Кога го освоив Светското првенство, имав исто чувство како кога ми се родија децата“, изјави тој, додавајќи дека има „многу високи очекувања Светското првенство во 2026 година да биде нешто навистина извонредно“.

„Ќе има многу убави натпревари. Ќе учествуваат големи селекции од сите делови на светот“, додаде Меси.

Тој направи осврт на својата кариера и се потсети на доаѓањето во Барселона како млад играч, како и на периодот во ПСЖ.

„Беше тешко да заминам во Барселона. Се соочив со комплицирани ситуации, но никогаш не се посомневав во себе, ниту се повлеков. Секогаш сум велел дека Бог ми даде талент, дека ме избрал, иако на тој пат направив многу жртви. На 13 години оставив сè зад себе и започнав нов живот. Со мојата сопруга се запознав кога имав 20 или 21 година. Промените и прилагодувањата никогаш не се лесни. Во Париз не се чувствував добро, не уживав. Сè беше ново за мене, многу различно од она на што бев навикнат. Но, покрај тоа, останаа многу убави нешта што ги доживеавме како семејство и кои ни помогнаа да продолжиме да растеме“, рече тој, говорејќи и за преселбата во Мајами.

„Беше различно затоа што ова беше семејна одлука. Многу значи кога можеш сам да избереш каде сакаш да бидеш. Тоа прави сè да биде многу полесно. Откако пристигнав во овој неверојатен град, сè беше прекрасно. Љубовта од луѓето уште од првиот ден беше импресивна“, изјави Меси, осврнувајќи се и на можниот крај на својата кариера.

„Мојата иднина не е нешто за што размислувам, ниту нешто што ме загрижува или си го замислувам. Се обидувам да уживам во секојдневието. Благодарен сум што можам да го правам тоа што го сакам уште од детството, свесен дека времето минува. Затоа сега уживам и во малите нешта на кои кога бев млад, не им придавав толкаво значење. Кога ќе се повлечам, ќе можам да ценам сè што сум постигнал во кариерата“, сподели тој.

Напаѓачот веќе размислува што би можел да прави по завршувањето на фудбалската кариера.

„За жал, фудбалот има рок на траење. Сакам да размислувам што можам да правам понатаму, од каде да почнам. Ме интересира светот на бизнисот, тоа ми се допаѓа. Би сакал да учам, допрва започнувам со тоа. Откако пристигнав во Мајами, научив многу повеќе за американскиот фудбал, а веќе следам и кошарка, тенис и падел“, заврши Меси.

- Оглас -

Најнови вести