Барселона загуби од Реал Мадрид во Ел Класико, но што е уште позначајно, каталонскиот гигант мораше да им го препушти лидерското место на табелата на мадриѓаните. Кралскиот клуб сега има еден бод повеќе од најголемиот ривал, што е најава за голема борба за титулата.
Актуелниот првак во двата меча против Реал сезонава не даде ниту еден гол, а херојот на мадриѓаните, Тибо Куртоа направи нешто што не му успеало на ниту еден голман на гигантот во последните 45 години.
Реал имаше и олеснета задача затоа што на дербито речиси никаде не се виде Лионел Меси. Капитенот на Барселона, кој треба да е лидер на тимот, одигра под своите можности. Играта на аргентинскиот гениј станува загрижувачка посебно кога се работи за мечеви на гостински терен.
Ова е седми натпревар во низа на гости на кој Меси не може да даде гол. Ваков пост Лео немал цели 13 години. Последен пат толку долго да не даде гол на гостински терен во сите натпреварувања било во периодот од септември 2006 година до март 2007 година.
Последен пат Меси на гостински терен погоди токму во Мадрид, во победата од 1:0 против Атлетико на 1 декември. Тоа значи дека веќе три месеци трае постот на Аргентинецот. Во овој период Барселона гостуваше кај Сосиедад (2:2), Еспањол (2:2), Валенсија (пораз 2:0), Атлетик Билбао (пораз 1:0), Бетис (победа 3:2), Наполи (1:1) и Реал.
Следниот меч на гости Барселона ќе го одигра на 14 март, и тоа против Мајорка, која е во зоната за испаѓање, што е добра шанса Меси да го прекине постот без даден гол на гостински терен.