Лионел Меси го одигра целиот меч за Аргентина во убедливата победа од 6:0 над Порторико во пријателски меч кој се играше во Мајами. Дуелот се одигра на стадионот на Интер Мајами, па практично Меси како да игра дома, пред своите навивачи.
Пред почетокот на средбата, Меси на својот инстаграм-профил објави убава вест, посебно за младите, надежни фудбалери. Осумкратниот освојувач на Златната топка го објави создавањето на свој младински фудбалски турнир, наречен „Купот на Меси“.
Турнирот ќе се одржи во Мајами од 9 до 14 декември. Аргентинските Ривер плејт и Њуелс олд бојс, потоа Интер Мајами, шпанските Барселона и Атлетико Мадрид, англиските Челзи и Манчестер сити, како и Интер Милано го потврдија своето учество.
View this post on Instagram
Иако има 38 години, Меси уште е активен, но со овој потег за создавање Куп за млади фудбалери потврдува дека мисли и на идните генерации. Меси е во Интер Мајами од 2023 година. Претходно повеќе од две децении беше дел од Барселона, со која ги освои сите најважни трофеи, а со успех настапуваше и за францускиот Пари Сен Жермен.
Со репрезентацијата на Аргентина, Меси стана шампион на Светското првенство во 2022 година, Копа Америка во 2021 и 2024 година, Финализма во 2022 година и Олимписките игри во 2008 година. Едноставно, тој е најтрофејниот фудбалер на сите времиња.