Меси во Катар ќе го брка рекордот на Лотар Матеус

Според многумина, Лионел Меси е најдобриот фудбалер во историјата, но многумина му замеруваат дека уште го нема освоено највредниот трофеј, а тоа е пехарот од Светското првенство. Меси со Аргентина играше финале на СП во 2014 година, но загуби од Германија. Катар е последната шанса на Меси да стигне до Богињата.

Освен што е последна шанса да стигне до планетарниот трон, Меси ќе има шанса да стане и фудбалерот со најмногу мечеви на Светските првенства. Капитенот на аргентинската репрезентација досега има 19 меча на Мундијалите, а рекордер во оваа категорија е легендарниот Лотар Матеус со 25 настапи.

Прославениот германски фудбалер настапи на пет светски првенства за да стигне до оваа бројка од 25 натпревари. Веднаш зад Матеус е Мирослав Клосе со 24 настапи на СП, а Паоло Малдини застана на 23 меча. Потоа, со по 21 меч следуваат Диего Марадона, Уве Зелер и Владислав Жмуда, а по 20 средби на Мундијалите одиграле: Грегож Лато, Хавиер Маскерано, Филип Лам и Бастјан Швајнштајгер. Меси е со 19 настапи, колку што имаат и бразилскиот Роналдо и Рафаел Маркез од Мексико.

Доколку Аргентина стигне до полуфиналето, а потоа секако и до финалето или настап за третото место, а Меси игра на сите седум меча, Аргентинецот ќе избие на првото место на оваа вечна листа на фудбалери со најмногу настапи на СП.

Настапот во Катар, за Меси и Кристијано Роналдо ќе биде петто Светско првенство и ќе се израмнат со Матеус, Антонио Карбахал, Маркез и Џанлуиџи Буфон, кои засега се единствените четворица што играле на пет Мундијали.

- Оглас -

Најнови вести