Милан продолжува да игра во брилијантен стил, а на серијата без пораз веќе и не и се знае почетокот, а големата армија на навивачи веруваат и дека долго ќе нема крај.
Во дербито Дела Мадонина со победа од 2:1 против Интер, Милан оствари значаен триумф, но и ги потсети своите симпатизери дека сега може да почне да чука и часовникот на историјата, кој е на нивна страна.
Секогаш кога Росонерите стартувале во Серија А со четири победи, без исклучок ја освојувале титулата во Италија, а и сега имаат таков почеток со четири успеси во серија и се на врвот на табелата со 12 бодови.
Традицијата со покер победи на старт од првенство и потоа со пехарот в раце на крајот Милан ја почна во сезоната 1950/51, а во истата деценија приредија реприза четири години подоцна.
Истото сценарио за Скудето се повтори по речиси 40 години, а Росонерите со нов летечки старт и четири победи по ред, пак ја освоија титулата и во 1992/93 и три сезони потоа.
https://twitter.com/GracenoteLive/status/1317527919254798336?s=20
Повторно и сега се во иста ситуација, а се повеќе расте оптимизмот кај големата армија на навивачи дека Милан ќе успее да ја одбрани и продолжи традицијата и за првпат со старт од четири победи во овој век ќе го донесе во клупската колекција 19 пехар од Серија А.
Моментно Милан и Интер со по 18 домашни круни се зад неприкосновениот Јувентус со 36 титули, а Росонерите се последната екипа што му се радувале на пехарот во Калчото, пред да почне апсолутната доминација на Старата дама од Торино со нанижани 9 титули по ред, серија што се уште е актуелна.