Милан нема да го задржи Жоао Феликс

Португалскиот напаѓач Жоао Феликс нема да остане во Милан по истекот на неговата позајмица, пренесуваат италијанските медиуми.

Приказната на Феликс се повторува – секогаш почнува одлично, но завршува разочарувачки. Иако Атлетико Мадрид инвестираше 120 милиони евра за него во 2019 година, тој сè уште не успеа да го оправда тој огромен износ.

Позајмици во Челзи, Барселона, трансфер во Челзи, па сега и позајмица во Милан… Но, никаде не успеа целосно да се докаже, а сè повеќе изгледа како еден од многуте таленти кои никогаш не го реализирале својот вистински потенцијал.

За време на натпреварот против Наполи, на полувремето Кајл Вокер му одржал кратка лекција на Жоао Феликс, критикувајќи го поради игнорирање на соиграчите.

„Само додај ја топката, никој овде не е Лионел Меси“, му рекол Англичанецот.

Милан не е задоволен од неговиот ефект, а дури ни присуството на неговиот сонародник Сержо Консеисао на клупата не му оди во прилог.

Феликс најверојатно ќе се врати во Челзи, каде што нема место за него, а не е исклучено летово да го видиме во Саудиска Арабија или во некој послаб европски клуб каде што би можело повторно да ја оживее својата кариера.

Оваа сезона тој постигна само еден гол за Милан, на дебито во Купот на Италија, и има една асистенција во Серија А.

- Оглас -

Најнови вести