0.8 C
Skopje
сабота, 13 декември 2025

Миленко Неделковски „даде дозвола“ Гоце Седлоски да биде нов селектор на Македонија

Извршниот директор на Вардар, Миленко Неделковски преку социјалните мрежи само даде потврда за тоа што се очекува да се случи до крајот на годината, Гоце Седлоски да биде назначен за нов селектор на фудбалската репрезентација на Македонија.

Македонскиот сениорски состав остана без селектор откако истече договорот на Благоја Милевски, а од Фудбалската федерација на Македонија потврдија дека најдоцна до 25 декември ќе го дадат името на новиот предводник на репрезентацијата и тоа треба да биде домашен стратег.

Седлоски пред една година беше назначен за тренер на Вардар и под негово водство Црвено-црните полека се враќаат на победнички патеки. Минатата сезона Седлоски со Вардар го освои трофејот во Купот на Македонија и тоа по пауза од 18 години.

Во тековната сезона Вардар е лидер во првенството и добро напредува во Купот, а Седлоски е кормиларот во овие успеси. Сега, најверојатно Вардар ќе мора да бара нов тренер, Седлоски да добие нов предизвик и тоа како селектор на Македонија.

Вчера заседаваше комисијата за избор на нов селектор на македонската А репрезентација и тоа во состав Масар Омерагиќ – претседател на ФФМ, Горан Пандев – директор на Национални репрезентации, Николче Новески – раководител на скаутинг службата на ФФМ, Агим Ибраими – член на У.О. на ФФМ и Марјан Стојковски – потпретседател на ФФМ (on-line присутен), а денеска Неделковски на фејсбук профилот испрати порака до челниците на ФФМ.

„ Два шпица, задњи везни и штопер. Ќе им дадам и јас штопер, за да се комплетни. Голман, се знае – Гого. Добра екипа“, пишува Неделковски во статусот покрепено со фотографија на која се членовите на Комисијата за избор на селектор.

- Оглас -

Најнови вести