Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, одржа прес-конференција на која го објави списокот на кандидати за настап на дуелите со Лихтенштајн и Германија од квалификациите за СП 2022 и објасни зошто нема играчи од македонската прва лига.
„Не би се занимавал со пресметки со колку бода ќе бидеме задоволни по овие два меча, треба да се даде максимум за да победиме на првиот меч против Лихтенштајн, а потоа ќе разговараме со Германија. Фокусот ни е на Лихтенштајн. Со Лихтенштајн можеби ќе биде најтежок меч, не е истиот Лихтенштајн од минатото, добро организиран тим се, со добра тактичка дисциплина, со Ерменија на гости одиграа 1-1. Ќе бидеме фаворити, мора да освоиме три бода за да останеме во игра за пласман на СП“, рече Милевски.
Милевски го повика Ердал Ракип од Малме, кој треба да дебитира за Македонија, а нема играчи од домашното првенство.
„На списокот има шестмина играчи од младинската репрезентација и еден дебитант. Сите овие на списокот се пред играчите од македонското првенство и по квалитет и по ритам на мечеви, играат во посилни лиги. За да бидете конкурентни, треба да играте појаки мечеви од тие во нашата лига. Овие играчи на списокот во моментов се пред тие од домашната лига“, смета селекторот.
Неизвесно е дали ќе може да играат неколку поединци од списокот.
„Барди и Муслиу не се во ритам, повредени се, но во контакт сум со нив, расположени се да дојдат. Лекарите треба да кажат за Барди, а со Муслиу ситуацијата е подобра. Адеми исто така имаше проблеми, но сега е во најдобар ред. Чурлинов има скршеница на вилицата која се констатира и со специјална маска ќе се стави на располагање. В сабота, евентуално в недела, ќе имаме јасна слика. Ракип со своите настапи во Малме, каде што е стартер, покажа дека е добар играч, ќе помогне и со него ќе добиеме на конкуренција во редот за врска. Тој со својот квалитет ќе ја зголеми конкуренцијата, а од него зависи дали ќе се наметне. Има 25 години, се надеваме дека ќе го имаме во тимот и во иднина“, вели Милевски, кој очекува тимот да биде во подобра физичка и натпреварувачка форма отколку во септември.