Благоја Милевски утрово го одржа и вториот тренинг со А селекцијата на Македонија и со нетрпение го очекува дебито како кормилар на сениорската селекцијата против Ерменија на 2 септември.
Задутре гостин ќе ни биде лидерот во нашата квалификациска група за настап на Мундијалот во Катар и единствената непоразена селекција.
Милевски ќе треба да подготви победничка тактика во тешкиот септемвриски циклус од три натпревари, што можат да бидат и клучни за амбициите Македонија за првпат да игра на Светско првенство.
Новиот селектор на А репрезентацијата има искуство со настап на големо натпреварување, откако ги предводеше младите играчи до 21 година на Европското првенство во Полска во 2017 година.
Во овој квалификациски циклус на сениорските репрезентации за пат на СП во Катар имаме шест бода од три меча на делба на второто место со Германија, зад лидерот Ерменија со 9 бода. Конкуренти се и Романците и Исланѓаните со по три бода, а со овие две селекции ќе играме на петти септември и три дена подоцна.
По дуелот со Ерменија задутре во Скопје, ќе му гостуваме на Исланд во Рејкјавик, а три дена подоцна ќе играме со Романија во Скопје.