Селекторот Благоја Милевски по мечот со Португалија, изјави дека е разочаран од резултатот, но горд е на неговите фудбалери.
„Разочаран сум од резултатот, но не бевме под опсада, момците си ја вршеа работата како што беше договорено. Мислам дека треба да сме горди на момците за целиот овој период од септември до денес. Покажаа дека носат потенцијал, голем талент и на добар пат се да се приближат кон најдобрите во Европа. Горд сум како го одиграа и овој меч. Уште сме далеку од елитата, но начинот на којшто играме е добар и треба да продолжиме во тој правец. Сакам да им честитам на Португалците и им посакувам среќа во Катар“, рече Милевски.
„Португалија одигра поразлично отколку со Турција дека и ние сме поразлични од Турците. Свесни бевме дека по таков дуел во Италија, и на физички и на ментален плен бевме исцрпени. Знаев дека физички не можеме да се носиме со Португалија, исто и технички. Целта беше да ги држиме подалеку од нашиот гол. Криво ми е што головите ги примивме во минути кога бевме доминантни“, изјави Милевски.