Фудбалската репрезентација на Македонија загуби со 1-0 од Црна Гора на вториот пријателски натпревар кој се одигра во Анталија. Сепак, поразот не го загрижува селекторот Благоја Милевски, кој е презадоволен од прикажаното и играта на репрезентативците.
„Противникот немаше ниту еден шут кон гол од игра. Прекините ни се проблем, напорно работиме на тоа за да ја промениме поставеноста во дефанзива на корнерите. Се случуваат и вакви работи, уште ќе работиме на овој сегмент од играта. Морам да изразам задоволство од начинот на којшто играше Македонија денес, доминиравме во сите сегменти на фудбалската игра. За жал, шансите кои ги имавме не успеавме да ги искористиме, но сè што барав од фудбалерите не само што го исполнија, туку покажаа и повеќе од тоа. Задоволен сум од тоа што го видов и морам да потенцирам дека Македонија одигра квалитетен натпревар со противник кој е и повеќе од сериозен. Севкупно задоволен сум од тоа што го видов од овие два натпревари во Анталија“, вели селекторот Благоја Милевски.
Милевски е оптимист и за иднината и вели дека резултатот не е најважен на овие контролни натпревари.
„Ако Македонија изгледа вака како денеска и во иднина, јас ќе бидам среќен, ако го тргнеме на страна резултатот, секако резултатот е најважен, но не е најважен на овие контролни натпревари. Мене многу поважен ми е потенцијалот на играчите да го спроведат она што се бара од нив, а денес тоа го покажаа и на теренот“, додава Милевски.