На прес-конференцијата пред пријателскиот меч Чешка – Македонија во Храдец Кралове, нашиот селектор Благоја Милевски и капитенот Столе Димитриевски зборуваа пред празна сала, не беше присутен ниту еден чешки новинар, што покажува дека интересот е слаб и фудбалската репрезентација на Македонија не им е атрактивен гостин во земјата во која хокејот е спорт број 1.
„За 3-4 дена не може многу да подобрите на физички план, особено не во овој дел од сезоната. Работевме на освежување на тимот, ме прави задоволен тоа што сите се здрави освен Енис Барди кој не може да се стави на располагање поради повреда на рамото. Да го завршиме тренингот, сите работи околу составот за утрешниот меч ќе ги оставиме за после тоа“, рече Милевски.
Македонскиот селектор верува дека контролите со противници како Хрватска и Чешка се корисни.
„Кога сте учесник на ЕП, тоа е доволен доказ за квалитет. Чешка е силна, имаат извонредни играчи од топ лигите, но имаат и голем број на играчи од домашната лига која истотака е добра, од таму ја црпат базата. Не случајно се на ЕП. Сериозен квалитет се, си имаат свои квалитети, но различен противник од Хрватска. Ги прифативме поканите за пријателски мечеви зашто уверен сум дека како тим може да напредуваме само ако играме со поквалитетни од нас, за да го видиме нашиот реален домет во моментот“, изјави Милевски.