Фудбалската репрезентација на Македонија со натпреварите против Ерменија и Исланд ќе го затвори овој квалификациски циклус за СП во Катар.
Нашата селекција иако се соочува со неколку повредени фудбалери, ќе се обиде да оствари две победи и со тоа да дојде до што подобар пласман во групата.
Единствено Валон Етеми е новото име во националниот тим, кој ќе се обиде да ги замени повредените фудбалери.
„Валон е од генерацијата 96-97 и игра во втората турска лига, која е квалитетна. Се наоѓа во одлична форма и сметам дека го заслужува националниот повик“, кажа Милевски.
„Имаме проблем со повредени фудбалери. Поради повреди ги немаме Адеми и Николов, а во октомврискиот циклус го немавме Енис Барди.
Под знак прашалник се Спировски и Костадинов, но последните информации ни даваат појасна слика. Дејан Илиев направи хируршки зафат на менискусот, сега сме и без него, но сите остнати се тука.
И покрај тоа, одиме да одиграме најдобро како што знаеме и да дојдеме до победите на двата натпревари.
Одигравме еден натпревар во Скопје против Ерменија, според мене, одличен, имавме доминација, но тоа не ни дава право да бидеме опуштени за овој натпревар.
Противникот е мотивиран, кој има исти шанси како и ние за добро место во групата и мислам дека сме подготвени за тој предизвик.
Ги следам настапите на Тотре и Бејтулаи и се надевам дека ќе продолжат со добрите настапи во своите клубови. А од друга страна, мора да се подигне квалитетот на нашето првенство за да можеме да имаме уште поквалитетен тим“, изјави, меѓу другото, Милевски.
Првиот собир на нашата репрезентација е на осми овој месец точно напладне, а средбата против Ерменија е закажана за три дена подоцна.