Милевски: Не сум задоволен како одигравме посебно во првото полувреме

Фудбалската репрезентација на Македонија загуби со 5:2 од Италија во Рим во меч од претпоследното коло во квалификациите за ЕП 2024.

Ова е прв пораз за фудбалерите на италијанско тло, на претходните два дуели Македонија одигра 1:1 во Торино во 2017 година, а пред две години со 1:0 славеше во Палернмо, а селекторот Благоја Милевски не е задоволен од прикажаната игра на неговите избраници иако вечерва постигнаа два гола преку Јани Атанасов.

„Кога ќе примиш четири од петте гола од прекини значи дека не си бил фокусиран. Првиот дел не одигравме како што замислувавме, но по измените во второто полувреме одигравме доста добро. Не успеавме да израмниме, а тоа што се отворивме не чинеше уште два гола. Не сум задоволен од начинот на кој одигравме во првото полувреме, но и од резултатот“, изјави Милевски.

Околу одлуката да го замени Елмас во второто полувреме, селекторот вели дека тоа било логично поради недостатокот на минутажа на фудбалерот во Наполи.

„Елиф сам побара измена бидејќи падна на физички план и не се чувствуваше подготвен да го доврши мечот. Се гледа дека му недостига минутажа во клубот и се надевам дека ситуацијата во клубот ќе се промени, бидејќи тој тоа го заслужува со начинот за кој игра во клубот“, заврши Милевски.

- Оглас -

Најнови вести