Со храбра игра во второто полувреме и со играч помалку, Македонија даде два гола против Ерменија и стигна до првата победа во овогодишното издание на Лигата на нациите. Селекторот Благоја Милевски беше задоволен од триумфот.
„Честитки на нашите играчи кои со право покажаа дека се тука. Секоја чест за нив и капа долу. Реков дека овие момци познавајќи ги како карактери, секогаш кога имале притисок и морале, покажале дека се перфектни. Затоа секоја чест за нив. За разлика од дуелот против Фарски Острови, на овој меч имавме решителност, одигравме одличен меч и заслужено победивме“, задоволно коментираше Милевски.
Селекторот вели дека Македонија и во следните четири меча мора да игра добро ако сака да се освои првото место во групата.
„И пред мечот со Фарски Острови кажав дека во оваа група има шест меча и дека ако не победиме на првиот дуел или ако сега се радуваме, ќе биде клучно. Секој меч е посебен и треба да одиме чекор по чекор за да стигнеме до посакуваната цел, а тоа е првото место во групата“, рече Милевски, кој потсети и дека за неколку дена ќе прави 10 години како работи во Фудбалската федерација на Македонија како селектор. Седум години беше предводник на младата репрезентација, а сега три години го води сениорскиот тим.