Селекторот на машката фудбалска репрезентација на Македонија, Благоја Милевски, има многу проблеми околу составот за претстојните четири средби од Лигата на нации, но не планира дополнително да повикува нови играчи, туку ќе ротира и ќе им даде шанса на сите да покажат дека местото им е во националниот тим и за квалификациите за Европското првенство 2024.
„За жал, подготовките ги почнуваме со одредени проблеми. Костадинов и Стефан Ристовски се повредени, кај Адеми и Јаховиќ има замор, а Ракип од приватни причини побара да биде ослободен од овој собир. Ќе играме мечеви со израмнети противници и и ќе искористиме можноста да им дадеме шанса на сите, за да видиме со каков квалитет располагаме пред почетокот на квалификациите за ЕП 2024“ – вели Милевски.
Играњето во јуни, веднаш после завршување на клупска сезона, е проблем.
„Не можете да барате да бидат фудбалерите во врвна натпреварувачка форма, кога се знае каков распоред на мечеви играа. Некои завршија пред 10 дена, некои пред 5 дена, некои од репрезентативците уште имаат клупски обврски. Ќе мора да правиме ротации. Најзадоволен ќе бидам ако сите ја искористат шансата“ – додава Милевски кој објасни дека капитенот Ристовски има повреда на стапалото, нема да тренира уште најмалку 7-10 дена, по што ќе прави снимка.
„Секој меч е подеднакво важен затоа што сите натпревари носат по три бода за победа. Пред нас се квалитетни противници, дури не би го ставил ни Гибралтар како аутсајдер затоа што се во Лига Ц, што е показател дека имаат квалитет. Против Бугарија нас нè интересира само спортот. Наше е да го дадеме максимумот па во септември ќе видиме како ќе биде. Во отсуство на Ристовски, капитен ќе биде Енис Барди“ – заклучи Милевски.