Милевски: Свесни сме за квалитетот на Ерменија, но нас ќе нè краси тимската игра

Селекторот Благоја Милевски утре ќе дебитира како предводник на сениорската репрезентација на Македонија во дуелот против Ерменија, кој ќе се игра во рамките од четвртото квалификациско коло за Светското првенство 2022 година.

Новиот селектор очекува единството да биде главна моќ додека тој е предвоник на Рисовите, нешто на што ќе треба да се работи во иднина, бидејќи при првиот собир и досегашните тренинзи немаше многу време да се работи на сите планови. Милевски не сакаше многу да открие околу тактиката и како ќе изгледаат почетните 11 во неговиот прв натпревар, што значи дека може да се очекува изненадување за дуелот на Националната арена.

„Не би требало да трошам многу зборови околу промените во репрезентацијата. Прво да им заблагодарам на Пандев, Тричковски и Велковски за сè што направија за националниот тим, но животот продолжува понатаму. Нашата нова цел е да најдеме начин како да функционираме како тим, а тоа ќе го оствариме и со функционирање надвор од теренот. Изминативе денови забележав доста позитиви во репрезентацијата. Речиси да немавме воопшто време за да имплементираме сè што сакавме за да го покажеме во мечот против Ерменија, но квалитетот и карактерот на овие играчи ми покажува дека можеме да ги оствариме целите понатаму. За недостасток може да се смета што некаде првенствата само што почнаа, па одредени играчи уште не се во натпреварувачка форма. Направивме неколку освежувања во тимот, но костурот на репрезентацијата е тука. Не би сакал да го откријам составот, ниту пак формацијата за утрешниот натпревар, но кој и да се најде во почетните 11 очекувам да одговори на задачите. Ерменија со новиот тренер покажа дека има квалитет одигрувајќи два одлични контролни натпревари, што за нас значи дека нè очекува сериозна задача, но свесни сме на нашиот индивидуален квалитет, а ќе треба да го зајакнеме и тимскиот“, посочи селекторот Милевски.

Дуелот Македонија – Ерменија е закажан за утре во 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести