Селекторот Благоја Милевски и капитенот Стефан Ристовски беа поздравени со аплауз кога влегуваа во салата за прес-конференции.
„Тактиката не беше да имаме само два шута. Македонија е мала држава, но со големо срце. Благодарност до момците што се такви какви што се. Имаме уште еден чекор до Светско. Од утре сите мисли ги насочуваме кон дуелот во Порто. Драго ми е кога реми со Романија или Исланд се сметаат за неуспех, на вистински пат сме“, изјави селекторот Благоја Милевски кому утре му е роденден и ќе наполни 51 година.
Елмас и Костадинов ќе може да играат против Португалија, ќе ја зголемат конкуренцијата и ќе бидат во составот.
„Уште сум во нокдаун. Не знам што се случи, но вистината е дека го победивме европскиот првак, го победивме. И јас да дочекам пречек во Скопје пред полн плоштад. Веруваме дека можеме да ја победиме и Португалија имаме сила. Ова се историски мечеви, никогаш не сме се нашле во ваква ситуација, ќе дадеме максимум. Среќен сум, исполнет, ќе славиме, па од утре ќе мислиме на Португалија“, рече капитенот Стефан Ристовски.