Благоја Милевски вели дека Македонија требаше да ја победи Бугарија во балканското дерби од првото коло во Лигата на Нации што заврши нерешено 1:1.
„Заслуживме да ги освоиме бодовите. Требаше да биде чиста победа за Македонија, бидејќи имавме потполна контрола на мечот, особено во второто полувреме. Со некои сегменти од играта во првиот дел не сум задоволен, но ова е почеток на Лигата на Нации и има доста време за да промениме некои работи на подобро“, изјави селекторот на Македонија.
Истакна дека Александар Трајковски и Езџан Алиоски, двајцата наши играчи што настапуваат во арапските лиги не се во најдобра форма и тие и имаа и најмалку време да се подготвуваат со останатите репрезентативци, бидејќи пристигнаа во Скопје непосредно пред патот за Разград, за мечот со Бугарија.
„Немам што да им замерам на играчите, а очигледно е дека Трајковски и Алиоски не се во посакуваната натпреварувачка форма. Сега не чека долг пат и меч против Гибралтар, каде одиме на победа“, додаде Милевски.