Селекторот на македонската сениорска фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, нема никакви замерки за своите избраници по пресметката со Романија и иако во трите септемвриски мечеви Македонија трипати одигра нерешено, мисли дека шансите за пласман на СП не се загубени.
„Не можеме да бидеме задоволни од трите бода во три кола, но во историјата на македонскиот фудбал ваква игра не сме имале, без разлика што трипати ремизиравме. Немам замерка, секоја чест за момците, играат фудбал кој ми е задоволство да го гледам. Лесно создаваме шанси, изостанува реализација поради некои моменти и делови од секунда. Првпат ќе кажам и дека состојбата на теренот е лоша, срамота да се играат вакви мечеви на ваков терен. Шансите за СП постојат, има уште четири кола, нема ништо да се знае до крај, секој нареден меч треба да ни биде најважен, се надевам дека ќе останеме конкурентни до последното коло. Благодарност до сите кои дојдоа на трибините и ја поддржаа репрезентацијата, играчите би имале мотив плус ако имаше и повеќе публика“, рече Милевски.