Селекторот на македонската репрезентација Благоја Милевски верува во своите избраници и очекува на дуелот против Ерменија да стигнеме до победа. Македонија одигра нерешено 1:1 во првото коло на гости против Фарски Острови и сега е под притисок дека мора да се победи.
„Познавајќи ги моите фудбалери тие се подготвени за секој нов предизвик. На Фарски Острови имавме резултатско разочарување, но без потценување на останатите екипи мислам дека директните дуели со Ерменија ќе го решат прашањето за првото место во групата. Верувам дека утре ќе видиме една победничка Македонија. Секогаш кога сме биле под притисок сме биле одлични. Секако дека ќе има промени во сотартниот состав“, рече Милевски на пресконференцијата во пресрет на средбата.
Селекторот потенцираше дека изборот на фудбалери го прави не само по моменталната форма на клупско ниво, туку и по тоа што може секој играч поединечно да допринесе за националниот состав.
„Секогаш постои притисок пред мечот. Според мене тие фудбалери што се на овој собир се најдобрите што ги имаме. Ако барам натпреварувачка форма од поединци тогаш ќе треба да останеме без 70 отсто од овие што ги имаме. Секогаш сите го давале максимумот, без разлика кој е во натпреварувачка форма или не. секогаш го гледам индивидуалниот потенцијал кај играчите. Ментално се јаки и способни да се вратат и да победат. директните дуели со Ерменија ќе решат за тоа кој ќе биде прв во групата“, потенцираше Милевски.