Милвоки бакс го победи Феникс санс со 120:100 и намали на 2:1 во победи по третиот меч од финалето на НБА-лигата. Ако Феникс на првите две средби пред својата публика делуваше доминантно, сега Милвоки покажа дека на свој терен е сосема поинаква екипа.
Феникс ја доби првата четвртина со 28:25, но домаќините потоа заиграа многу подобро. Со 35:17 Милвоки го доби вториот квартал, а одличната игра продолжи и во третата четвртина, која домаќините ја добија со 38:31, па во пресрет на последните 12 минути, резултатот беше 98:76 и веќе беше јасно кој ќе победи.
Јанис Адетокумбо беше предводник на Милвоки со 41 поен и 13 скока, а одличен беше и Холидеј со 21 поен. Кај Сонцата, се истакна Крис Пол со 19 поени, додека потфрли Девин Букер, кој заврши само со 10 поени. Четвртиот меч се игра повторно на теренот на Милвоки, ноќта од среда кон четврток.