Тоа не бев јас, тоа беше божјата рака, е историската изјава на Диего Армандо Марадона по контроверзниот гол на денешен ден пред 36 години против Англија, кога со рака ја упати топката во мрежата на голманот Питер Шилтон.
Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња за само четири минути со два гола што се спектакуларни и уште се паметат го урна Гордиот Албион во веројатно и најславниот меч на Светските првенства, одигран во Мексико на култната „Ацтека“ на денешен ден во 1986 година.
Оттогаш минаа 36 години, а за двата гола на Диего се уште се разговара, се паметат и остануваат во архивата како незаборавни.
Најпрво во 51. минута, нискиот по раст Марадона итро се впушти во воздушен дуел со корпулентниот голман на Англија Питер Шилтон и на изненадување на сите успеа навидум да го натскока и да ја затресе мрежата за 1:0.
Но, тоа го стори со рака, а реагираа само Шилтон и Тери Бучер кои забележаа дека Марадона играше со рака.
Голот беше признат, а само четири минути подоцна Диего го постигна голот на векот, со легендарните дриблинзи од својата половина до противничкиот гол.
Популарниот Ел Пибе нанижа пола тим на Гордиот Албион со неверојатни потези и дриблинзи, го легна на земја и Шилтон и погоди за 2:0.
Ако првиот гол е најконтроверзниот на Мундијалите, вториот беше гол на векот постигнат на Светско првенство.
Англичаните долго не можеа да го преболат голот со Божјата рака, а Аргентина по успехот во четвртфиналето и победата против Гордиот Албион со 2:1 ја освои и титулата светски првак со победа против Германија од 3:2 во финалниот меч.