Во НБА лигата се одиграа шест меча, а највозбудливо беше на пресметката меѓу Њу Орлеанс и Минесота, каде гостите на крајот победија со 149:142 по продолжение. Минесота беше изразит фаворит пред средбата, но никако не можеше да го скрши отпорот на мотивираниот домаќин.
Њу Орлеанс не само што се држеше егал, туку во последната минута домаќините влегоа и со четири поени предност (129:125), но Минесота реализираше два напади, а во дефанзивата се одбранија и се изборија за продолжение.
Во дополнителните пет минути, Минесота доминираше и на крајот фаворитот победи и стигна до 13 победа сезонава, додека Њу Орлеанс го претрпе дури 19 пораз во 22 средби.
Ентони Едвардс беше предводник на гостите со рекордни за него сезонава 44 поени, а одлични кај победничкиот тим беа и Руди Гоберт со 18 поени и 13 скока, Наз Риед со 18 поени, пет скока и шест асистенции, како и Рендл кој постигна 16 поени. На спротивната страна Мари беше најефикасен со 33 поени и 15 скокови.
Актуелниот првак Оклахома продолжува да ги меле противниците, а на менито сега беше Голден Стејт кој на домашен терен загуби со 112:124. За Оклахома ова е 21 победа во 22 меча сезонава.
Во останатите мечеви кои се одиграа ноќеска: Филаделфија – Вашингтон 121:102, Торонто – Портланд 121:118, Бостон – Њујорк 123:117, Сан Антонио – Мемфис 126:119.

