1.8 C
Skopje
петок, 23 јануари 2026

Министерот Ристовски ги пофали ракометарите и селекторот Лазаров

Приоритет на Министерството за спорт со поддршка од Владата е прво да направиме спортска инфраструктура и да го подигнеме македонскиот спорт од оној слободен пад во којшто беше затекнат, истакна министерот за спорт Борко Ристовски во емисијата „Само интервју” на Канал 5.

Министерот Ристовски изрази задоволство од тоа што е сработено од страна на новото Министерство за спорт во изминатиот период од неговото формирање во јули 2024 година и најави неколку стратешки проекти што ќе бидат реализирани во текот на оваа година.

Во однос на средствата што се доделуваат како државна помош во спортот, Ристовски истакна дека резултатите се единствените критериуми по кои се распределуваат средствата од државните субвенции и соопшти дека годинава ќе бидат распределени 12 милиони евра по две основи – субвенции во спортот и средства од игри на среќа и акцизи.

„Во текот на февруари ќе бидат исплатени субвенциите за спорт, односно средствата коишто ги има одвоено државата преку Министерството за спорт за субвенционирање на федерации, на клубови и на поединци. Во месец мај ќе почнеме да ги исплаќаме средствата од игрите на среќа. Резултатите се основните критериуми по кои се делат субвенциите, така и никако поинаку. Има незадоволни затоа што претходно средствата од државата ги делела Комисија според тоа кој е подобоен, а кој неподобен и токму поради тоа сега има обвиненија. Мора да ставиме јасно до знаење, дека Македонија и  Министерството за спорт не може да ги поддржува сите спортови. Можеме да ги помагама сите спортови, но сите не можеме да ги финансираме. Треба да се направи јасна дистинкција кои спортови се најуспешни во Македонија и тие спортови да бидат од А категорија. Олимписките спортови секогаш ќе бидат пред неолимписките – нагласи Ристовски.

Министерот за спорт во интервјуто за Канал 5 се осврна и на неодамнешниот настап на машката ракометна репрезентација на Македонија која заврши на 14-то место на Европското првенство што се одржува во Данска, Норвешка и Шведска и изрази задоволство од постигнатите резултати.

„Кога ќе се земе предвид со кого игравме на ова Европско првенство, дека имавме противници како што се Данска, Португалија и Романија, треба да сме задоволни со освојување на 14-то место. Јас би сакал и во многу други области да сме 14-ти во Европа. Секако дека сум задоволен, меѓутоа секогаш има простор да биде и подобро. Убаво е да се има големи очекувања, но тие очекувања треба да бидат базирани на реална основа – рече Ристовски.

Со своето долгогодишно искуство како поранешен репрезентативец на Македонија, а сега министер за спорт, Ристовски истакна дека главната сила на оваа репрезентација не е индивидуалниот, туку колективниот квалитет и упати пофалба и за работата на селекторот Кирил Лазаров.

„Тој беше човекот што се нафати да ја прави таа смена на генерации во репрезентацијата, што е многу тешко. Мислам дека на човекот треба да му се оддаде признание за тоа што го има направено за државата, за промоција на спортот, за достигнувањата, но исто така и за храброста што се нафати да го направи тој трансфер на генерации во македонската репрезентација“ – истакна министерот.

- Оглас -

Најнови вести