Фудбалската репрезентација на Македонија синоќа одигра 1:1 против Италија во квалификациите за ЕП 2024, а голем допринос во освојувањето на бодот даде и Бојан Миовски.
Фудбалерот кој редовно ги тресе мрежите во дресот на Абердин, против Аѕурите не успеа да се запише во листата на стрелците иако имаше одлична шанса во првото полувреме, во изјави дека Македонија во целост го заслужи освоениот бод против актуелниот европски шампион.
„Ете се случи да ја промашам таа шанса во првото полувреме. Навистина ми е жал за тоа, но останав сконцентриран до крај на натпреварот и мислам дека сите одигравме навистина одличен меч кој не донесе до ремито со европскиот шампион. Мислам дека во вториот дел ја надигравме Италија и сега одиме на Малта по три бода. Сѐ освен победа на Малта ќе биде неуспех, со неа остануваме во игра за првите две позиции во групата“, вели Миовски.
Ова беше прв натпревар за Македонија по дебаклот од Манчестер и најубедливиот пораз во историјата (0:7) и синоќа фудбалерите се покажаа во далеку поинакво светло.
„Не знам што се случи за променава, јас не бев во јуни со селекцијата, ама сега видов еден жар во очите на соиграчите, една голема мотивација да покажеме и докажеме дека вредиме. Ние, кои успеавме да ја победиме една Германија, па Италија, после да загубиме 0-7… Знаевме дека сме истите играчи, дека сѐ е до нас и ете го покажавме тоа“, вели Миовски.