Тој е командант на теренот, а од клупата тимот го предводи неговиот брат Ѓорѓи. Даниел Мојсов е вистински лидер на фудбалскиот прволигаш Тиквеш, кој оваа сезона имаше послаби резултати од очекуваното, но на крајот ќе успее да ја исполни целта и да обезбеди опстанок во елитата.
Ако се спореди минатата година, кога Тиквеш го освои Купот, секако, јасно е дека можеше подобро.
„Се согласуваме сите, Тиквеш има тим за поголеми дострели, но едноставно слабо ја почнавме сезоната, еден период бевме во резултатска криза и на седум-осум натпревари не можевме да постигнеме гол. Тоа секако се одрази на целата сезона, па влеговме во групата на екипи кои стравуваат за прволигашки статус. За среќа, со две-три победи во финишот на сезоната, сега сме на најдобар пат да обезбедиме сигурен опстанок, па следната година ќе се размислува за малку повеќе“, вели Даниел Мојсов.
А тој лично ќе размислува дали да продолжи да игра и следната сезона или да ја заврши кариерата и да ја прифати функцијата на спортски директор во клубот.
„Имав и минатото лето иста опција, да продолжам да играм и да го водам Тиквеш од теренот или да ја завршам кариерата и да го прифатам предизвикот да бидам спортски директор. И сега е исто, ќе размислам добро заедно со семејството и ќе ја донесам одлуката. Искрено, ми се игра уште, но сѐ зависи и од тоа како ќе се поклопат некои случувања со ФК Тиквеш“, објаснува Даниел Мојсов.
Влезе во 38-мата година од животот, искуството, секако, е на негова страна. Почна во далечната 2005/06, па ако игра и следната сезона, ќе одбележи 20 години активна фудбалска кариера. Првата сезона ја мина во Тиквеш, а потоа четири сезони го носеше дресот на Македонија ЃП, од каде што се пресели во Вардар.
Интернационалната кариера ја почна во Војводина, потоа следуваа Бран (Норвешка), Лирс (Белгија), Адана Демирспор (Турција), а од 2016 до 2021 година го носеше дресот на кипарскиот АЕК Ларнака, каде што остави голем белег.
Се врати во Македонија, во тимот на Брегалница, а од 2023 година е член на матичниот клуб Тиквеш.
За фудбалската репрезентација на Македонија одигра 39 натпревари во периодот од 2008 до 2017 година.
Мисијата со Тиквеш беше успешна за опстанок, а сега ќе се обиде и да го погоди хуманитарниот тикет во Sport Life. Вели дека не се обложува, но, секако, го следи европскиот фудбал.
„Има големи предизвици овој викенд, навистина убави натпревари. Се игра Ел Класико, тука се и дерби-дуелите во Италија и во Англија. Финиш е на сезоната и сега на сите им се потребни бодовите за да ја реализираат својата цел. Ќе се обидеме да го погодиме хуманитарниот тикет“, вели Даниел Мојсов.